Сиљановска-Давкова: Не смееме да заборавиме дека секој што напишал барем неколку реченици во недовршената македонска армиска приказна, оставил трага во нашата воена историја

Претседателката, како Врховна командантка на вооружените сили, денеска се обрати на централната прослава на 18 Август – Денот на Армијата, којашто се одржа во Охрид.

Честитајќи го најголемиот македонски воен празник, таа истакна дека армијата растела и зреела, но не се изгубил континуитетот со нејзините почетоци: се стекнувало искуство, се проширувало и продлабочувало знаењето, се менувале генерациите, а секоја од нив давала свој придонес или вградувале свое камче во македонскиот мозаик.

За неа, современата одбрана не се сведува на одговор на веќе настанатите закани, туку на нужноста и способноста за нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност којашто ќе ја гарантира и зачува функционалноста на државата и тогаш кога условите се најнеизвесни и најнепредвидливи.

Сиљановска-Давкова со Орден за воени заслуги ги одликуваше: Командата за операции, за особениот придонес за изградбата, развојот, зајакнувањето на капацитетите и за зголемувањето на борбената готовност на македонската Армија како клучен заштитник на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и Центарот за одгледување и дресура на кучиња, за исклучителните резултати во извршувањето на своите специфични задачи и за исполнувањето на мисијата како особено значајна структура на македонската Армија.

„Уверена сум дека денешните одликувања, како наша и моја должност, но и радост, ќе бидат потстрек за уште поголема посветеност, заложба и успех во исполнувањето на воените задачи на Армијата.“ – рече таа.

Врз основа на резултатите и оценките постигнати за време на школувањето на Воената академија во периодот од 2022 до 2026 година, им беа доделени плакети на трите најуспешни потпоручници: Марија Недева, Наталија Кочоска и Антонела Јакимовска.

Според Сиљановска-Давкова, не смее да се занемари важноста на придонесот на жените за успехот на македонската армија, кои со своето знаење, креативност и посебна женска енергија ја облагородуваат армиската професија.

Претседателката укажа дека не смееме да заборавиме дека секој што напишал барем неколку реченици во недовршената армиска приказна, оставил трага во воената историја, а оние што денес носат армиска униформа се современи армиски автори.

Scroll to Top