Стојаноски го демантира Филипче: „Бројките што ги кажа се несериозни и неточни“

За мене, и како пратеник и како политичар, е шокантно лидер на опозицијата да излезе од македонското Собрание и да презентира бројки што се целосно несериозни и неточни. Особено изненадува начинот на кој се толкуваат економските показатели, од аспект што е целосно нереален и кој не се темели врз официјални податоци, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ како реакција на денешната прес-конференција на лидерот на опозицијата, Венко Филипче.

„Денешните лаги и манипулации беа демантирани со официјалното соопштение на Државниот завод за статистика за растот на македонската економија. Користејќи ги официјалните податоци од Државниот завод за статистика, сакам да соопштам дека македонската економија во вториот квартал од 2026 година пораснала за 4,3 проценти. Тоа претставува највисок економски раст во последните четири години“, рече тој.

Истовремено, додаде Стојаноски, продолжува позитивниот тренд на раст на македонската економија во осум последователни квартали, при што растот е повисок од 3 проценти.

„Со овој резултат повторно се наоѓаме меѓу земјите со највисок економски раст во Европската Унија за кои се објавени податоци. Тоа покажува дека македонската економија закрепнува, зајакнува и расте со задоволителна динамика. Особено охрабрува структурата на растот и податоците за тоа кои сектори се неговите главни двигатели. Градежништвото бележи раст од 21,9 проценти, додека бруто-инвестициите бележат раст од 14,5 проценти, при што нивното учество е на ниво над 16 проценти. Овие податоци укажуваат дека и проектите финансирани од Владата даваат конкретни резултати. Градежништвото и бруто-инвестициите создаваат трајна вредност во економијата и затоа нивниот силен раст секако е за поздрав. Уште поважно е што, во споредба со првиот квартал, македонската економија дополнително забрзува. Доколку ги споредиме резултатите од првиот и од вториот квартал, имаме забрзување од над 1,2 процентни поени“, рече Стојаноски.

Тој додаде дека за сите оние што ја разбираат економијата и сакаат чесно и искрено да ги анализираат податоците, ова покажува дека навистина можеме да бидеме задоволни од економскиот раст што го бележиме.

„Од аспект на јавниот долг и заемот за кој господинот Филипче укажуваше дека ќе се случи, тоа не е точно и не е вистина. Станува збор за потенцијална подготовка за она што треба да следи наредната година. А наредната година, како и во годините потоа, Република Македонија и сите нејзини граѓани треба да сервисираат околу 8 милијарди евра долг, создаден во периодот на Владата на СДСМ и ДУИ, во која министер беше и Венко Филипче. Оваа година досега се сервисирани 1,5 милијарди евра. Во 2027 година треба да се сервисираат 1,5 милијарди евра, во 2028 година – 1,9 милијарди евра, 2029 1,3 милијарди евра, а во 2030 година – 1,4 милијарди евра. Кога ќе се соберат обврските за сервисирање на долгот во овој период, станува збор за околу 8,8 милијарди евра, средства што треба да бидат сервисирани од Република Македонија“, рече Стојаноски.

Тој кажа дека јавниот долг во овој момент изнесува 58,8 проценти.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери ја состави Владата, ако 30 јуни 2024 година го земеме како референтен датум, јавниот долг беше над 60 проценти. Затоа, кога зборуваме за економијата, треба да бидеме јасни и да се потпираме на факти. Во државата постои институција што сите ја плаќаме – Државниот завод за статистика. Токму таму се официјалните податоци и сметам дека врз тие бројки треба да се потпираме и да им веруваме“, рече Стојаноски.

Scroll to Top