Зголемување на сумата од 140 денари која сега ја добиваат студентите за оброк може да има, но не оваа туку следната година. Министерката за образование Весна Јаневска денес кажа дека барањето за зголемување на сумата за субвенциониран оброк од Универзитетското студентско собрание стигнало до неа.
„Јас со задоволство можам да кажам дека, ми се чини за првпат, студентите имаат партнер во Министерството и не се чувствуваме како опозитни страни, напротив, се чувствуваме како пријателски страни. Се што побарале досега беше остварено и исполнето. Ова прашање стигна до мене. Мислам дека во иднина би можеле да се договориме, но во овој момент не можам да гарантирам затоа што буџетот на Министерството за образование зависи од буџетот на државата. Секако дека ќе се залагам доколку е можно и ова во идната година да биде остварено затоа што јас искрено мислам дека тие треба да имаат услови за да можат да учат и искрено мислам дека тие се тие кои ќе придонесат за развој на државата“, рече министерката денес одговарајќи на новинарски прашања по уводот во градежните работи за основното училиште „Блаже Конески“ во скопски Аеродром.
Студентите почнаа да добиваат пари за оброк во 2020 година, а во 2023 година Собранието изгласа измени на Законот за студентски оброк со кои предвиде износот да се зголемува со зголемување на инфлацијата па почетниот износ од 120 денари дневно беше покачен на 140 денари. Законот предвидува еднаш годишно да се прави усогласување, по завршување на фискалната година, а пред донесување на државниот буџет за следната година.
