Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше по објавеното видео со неговите деца од страна на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО – ДПМНЕ. Тој изјави дека нема да дозволи, како што рече, монструмите кои седат во пратеничките клупи и кои снимаат малолетни деца да го заплашат и ги повика надлежните да го решат случајот.
„Нема да потклекнам. Нема да се предадам сѐ додека не ги зголемат работничките плати. Но ќе дозволите да зборувам за монструмите оние кои не се под детските кревети, туку оние кои седат во пратеничките клупи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија, тие се околу сите нас. Министерот за внатрешни работи и обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некои ја знаат како богаташка, која ги објави моите деца за да може сите да ги оцрнуваат и да ме уценуваат“, рече Трендафилов.
Тој смета дека со објавување на неговите деца, некој се обидува да го заплаши.
„Мислејќи дека ако ме следат и преку објавувањето на моите деца ќе ме заплашат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ било тоа“, рече Трендафилов.
Тој кажа и дека премиерот наместо да дава изјава дека е само почеток со заканите кон неговите деца и неговото семејство, треба да даде оставка или најмалку да ја разреши пратеничката Стојановска.
„Во нормална држава, владата за вакви работи паѓа“, рече Трендафилов.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов да не глуми жртва на политички прогон и доколку смета дека му е загрозена приватноста да пријави во надлежните институции.
„Фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон. Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека според нивни сознанија, Трендафилов добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци.
„Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.







