Филипче: Не може министрите во Владата да имаат резервна татковина

Не може министрите во Владата да имаат резервна татковина, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека со законските измени што ги предлага пратеничката група на СДСМ и коалицијата јасно ќе се утврди дека носителите на функции во Владата мора да имаат само едно државјанство, со цел зајакнување на одговорноста и транспарентноста во извршната власт.

„Ние кажуваме дека согласно сегашниот закон предлагаме амандмани за Законот за Влада којшто нема врска со законот за Пржинска влада, во кој што мора да има еден едно државјанство носителите на функциите во влада и тоа е нашиот предлог закон. И дополнително даваме амандмани на предлогот кој што вчера го даде ВМРО ДПМНЕ, во кој што не е јасно кажано во нивниот предлог, дали тоа што тие го бараат ќе важи и за овој актуелен пратенички состав. Нашето толкување е дека не, и затоа даваме амандмани да биде јасно и точно одредено со членови со преводни завршни одредби.Тоа што сега е поднесено од страна пратениците на ВМРО ДПМНЕ за пратениците, Закон за пратеници, да важи од овој актуелен пратенички состав“, рече Филипче

Притоа, Филипче потенцираше дека институциите треба да го утврдат механизмот за спроведување, суштината е во политичката одговорност и довербата кај граѓаните, додавајќи дека не може министри во Влада да имаат резервна татковина.

„Тоа е работа на институциите. Нека го кажат механизмoт. Кога човек ќе даде изјава под материјална кривична одговорност, тоа е сериозна работа. Но нашата поента е на политичкиот момент. Не може министри во Влада да имаат резервна татковина. Не може министерка во Влада да има пасош државјанство во друга држава. За чии интереси работи таа министерка и уште еден министер кој што го крие бугарското државјанство? За чии интереси работат тие луѓе? Тоа е прашањето. А се согласувам дека треба дебата анализа кој сето тоа ќе го спроведе, но тоа еве после донесувањето на законот“, рече Филипче.

Scroll to Top