Филипче ја спореди власта во Македонија со режимите во Иран и Венецуела, за нападите на САД рече дека се за доброто за Иранчани

Во одговор на новинарско прашање за нападите на САД врз Иран, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и дека откако ги исрпија сите механизми за преговори настапија кон еден таков напад, за доброто на народот во Иран, додавајќи дека очекува деескалација на ситуацијата.

„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тие, откако ги исцрпија сите дипломатски механизми на преговори, настапија кон таков еден напад кон Иран и сметам дека таквиот напад и сè што се прави е во истиот контекст како што беше направена интервенцијата во Венецуела, а тоа е за доброто на иранскиот народ, како што беше и за доброто на народот во Венецуела“ рече Филипче.

САД треба да знаат дека власта во Македонија има карактеристики како режимите во Иран и Венецуела, додаде тој.

„Меѓутоа, добро е да се каже дека Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер, треба да знаат дека овде во нашава земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат“, нагласи Филипче.

Тој посочи дека актуелната власт ја турка државата во изолација, иако европската интеграција е стратешки интерес и за Македонија и за САД и за целиот регион. Дополнителна загриженост, како што рече, предизвикуваат контактите со структури блиски до рускиот претседател Владимир Путин.

„Внимавајте, вториот човек на Владата не ги крие контактите со Ноќните волци, луѓе блиски до рускиот претседател Путин. Целосна е тотална партизација на правосудството. Премиерот именува, назначува, елиминира обвинители на телевизија. Очигледно е влијанието и партизирањето на судството“, истакна Филипче.

 

Scroll to Top