Филков до Тренчевска: Законите ги подготвуваме низ јавен и транспарентен процес, не се носени ниту во висококатница во Дубаи, ниту на јахта во Халкидики

Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на пратеничко прашање од Јована Тренчевска од СДСМ за Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и наводите за реформите во делот на Кривичниот законик, Законот за парнична постапка и АКМИС-от, рече дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци има доставено во владина процедура и подготвено повеќе закони кои се дел од Реформската агенда, нешто што во изминатите години не било случено.

,, Ако добро се сеќавам вие бевте министер во Владата каде што беа донесени штетните измени на КЗ, дали таа година немаше извештаи , дали вие реагиравте кога се носеа штетните измени? Законот за парнична постапка ако беше добар ќе го донесевте, мораше да се доработува и повторно е пуштен во владина процедура.”, образложи Филков.

Сите закони, според Филков се работени низ јавен и транспарентен процес.

,, Тука би ги споменал трите клучни закони, Законот за Судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители. Овие закони добија позитивно мислење од Венецијанската комисија . Законите се работени во јавен и транспарентен процес, не се носени во висококатница на Дубаи ниту на јахта во Халкидики. Повеќе нема да носиме закони во интерес на поединци и фамилии. Во однос на Кривичниот законик, воопшто да не се секирате, тој ќе биде донесен и очекувам поддршка од вас”, и порача Филков на Тренчевска.

Осврнувајќи се на наводите за недостиг на кадар во судството и јавното обвинителство, тој сопшти дека во последните пет години во пензија заминале вкупно 154 судии, активни се 294 од 456 систематизирани места.

,, Во 2020 година се пензионирале 7 судии, во 2021-8,2022-фантастични 64,2023-43,2024-25,2025-7 судии.Вкупно 53 јавни обвинители се заминати во пензија за пет години. Сега да ве прашам кога зборуватете за судството мислите за ова судство што вие ги пензиониравте во изминатите години кога бевте на власт, намерно или случајно беа овие бројки”, потенцира Филков.

Во однос на АКМИС-от, информираше дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци има направено по две контроли во секој суд во државата, нешто што во изминатите години не се случило.

Scroll to Top