Џебното кино на Лабораториум се враќа со проекции и неделна филмска програма. „Фино Кино“, ја започнува новата сезона со два најнови филма на двајца современи мајстори на светското кино.
Сезоната се отвора со „Татко Мајка Сестра Брат” (Father Mother Sister Brother) на Џим Џармуш, во недела и понеделник, 4 и 5 октомври. Најновиот филм на култниот американски независен режисер е добитник на Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал во 2025 година.
Следува „Горчлив Божиќ” на Педро Алмодовар, во вторник и среда, 6 и 7 октомври. Новото остварување на шпанскиот мајстор на емоцијата имаше премиера на годинешниот Кански филмски фестивал.
Фино Кино е џебно кино во склоп на Лабораториум, независен културен и образовен центар во срцето на Скопје, основан во 2023 година, а од 2024 е придружен член на Trans Europe Halles, европската мрежа на независни културни центри. Киното е замислено како простор за внимателно избрана филмска програма на значајни современи светски, но и македонски филмови, место каде што филмот не завршува со шпицата. По дел од проекциите следува разговор со филмски автори, критичари, гости од науката, уметноста и општеството, кои филмот го гледаат од друг агол, велат од таму.
Сите проекции почнуваат во 20:00 часот. Влезниците чинат 200 денари и може да се купат на влез или на онлајн платформата mktickets.mk.







