Три децении по својот прв концерт, Фолтин ја најавува најобемната јубилејна програма во својата историја. Под насловот „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“, во текот на 2026 година ќе бидат реализирани повеќе концертни, издавачки и мултимедијални активности кои го одбележуваат патувањето на еден од најавтентичните музички состави на овие простори.
Централниот настан ќе биде големиот јубилеен концерт во Хераклеа во август 2026 година, по што ќе следуваат концерти во Скопје и повеќе градови во регионот. Со овој концерт, Фолтин ќе ја има честа да го затвори Битфест 2026..
Во годината на прослави Фолтин решава дел од прославата да им ја препушти на другите. Ја препушта на пријателите, на музичарите со кои се сретнале по патот на оние што во некој момент влегле во нивната музика, а потоа ја понеле со себе.

FOLTIN RE:COMPOSED е албум составен од нови читања на композиции од Фолтин, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој од нив избра по една песна и ја прераскажа на свој начин, низ сопствениот музички јазик, сензибилитет и искуство.
Некои концерти завршуваат со последниот аплауз. Други продолжуваат да живеат. Токму од таа идеја произлегува FOLTIN LIVE – двојна винил плоча што го претвора концертниот миг во трајна звучна меморија. Снимен целосно во живо на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатен во Виена според највисоките стандарди за винил продукција, FOLTIN LIVE претставува звучна монографија на концертниот идентитет на Фолтин и обид автентичната енергија на бендот да биде зачувана во форма што ќе остане како траен документ за нивната триесетгодишна сцена.

Минатата недела во Македонија пристигнаа првите 150 примероци од винил изданието. Станува збор за лимитирана серија рачно нумерирани и потпишани плочи, наменети за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот.
Како дополнување на јубилејната програма, ќе биде реализирана и серија кратки видеа посветени на помалку познати приказни, случки и моменти од историјата на Фолтин, со што ќе биде создадена дополнителна архива на сеќавања за бендот и неговата публика.
Визуелниот идентитет на јубилејните изданија и проекти го потпишува Зоран Кардула.
Фолтин слави заедништвото создавано низ три децении концерти, патувања, песни и луѓе кои останале дел од приказната. Овој јубилеј е можен благодарение на сите оние што низ годините верувале дека музиката е повеќе од концерт и повеќе од индустрија – публиката, пријателите, соработниците, културните работници, институциите кои препознаа вредност и дадоа поддршка, новинарите и медиумите, како и компаниите и поединците кои избраа да застанат зад идеите што создаваат култура и трајни вредности.
„Триесет години подоцна, најголемото достигнување не се албумите, концертите или километражата помината по патиштата. Најголемото достигнување се врските што останале живи. Затоа што јубилеите не се мерат во години, туку во луѓето што остануваат покрај тебе“.







