Во насока на обезбедување поквалитетни услови за настава и успешен почеток на новата учебна година, во основното општинско училиште „Ристо Крле“ изминатиов период се реализираа низа активности за унапредување на воспитно-образовниот процес, извести општината Илинден.
Со почеток на новата учебна година, освен во ООУ „Гоце Делчев“, продолжен престој за учениците од прво до трето одделение за првпат се воведува и во ООУ „Ристо Крле“ во Кадино. Во таа насока, целосно се реновирани санитарните јазли и тоалетите наменети за учениците во продолжен престој. Исто така, уредена е и посебна просторија за чување на оброци.
Во рамки на подготовките за новата учебна година, комплетно се уредени три кабинети за предметна настава по математика, англиски јазик и музичко образование. Кабинетите се опремени со нов училишен мебел, нагледни и дидактички средства, музички инструменти, како и три современи смарт табли. Дополнително, со поставување на вариолајт завеси, создадени се оптимални услови за реализација на наставата според современи стандарди, велат од општината Илинден.
Во подрачното училиште во н.м. Мралино, монтирана е нова комбинирана печка на пелети и цврсто гориво, со што значително се подобрува енергетската ефикасност и условите за престој во зимскиот период.
Во подрачното училиште во н.м. Бунарџик, се започна со адаптација на просторија за настава по физичко и здравствено образование, со подна татам подлога и нагледни средства.
Увид во спроведените активности направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, заедно со директорот на училиштето, Јовче Петковски, при што градоначалникот изрази задоволство од досегашните вложувања и истакна дека Општината ќе продолжи со интензивна поддршка на образовните институции, со цел создавање современи и квалитетни услови за едукација.
Сите овие активности се дел од континуираните заложби на училиштето и локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на наставата и создавање стимулативна средина за учениците и наставниот кадар, се додава во соопштението од општината Илинден.