(Фото) Македонската Армија се развива со засилено темпо, државата инвестира во развојот на одбранбените капацитети, порача Мисајловски на состанокот на НАТО во Брисел

„Силно сме посветени на развојот на националните одбранбени капацитети кои се составен дел од колективната одбрана на Алијансата. Тоа е евидентно преку инвестициите во одбраната, но и преку процесот на модернизација и опремување кој е видлив со секој изминат ден“, потенцираше министерот за одбрана Владо Мисајловски на денеска одржаниот состанок на Северноатлантскиот совет во седиштето на НАТО во Брисел.

Министерот Мисајловски истакна дека државата одвојува рекордни средства за одбраната, кои се инвестираат ефикасно и ефективно во процесот на опремување и модернизација со цел исполнувањето на НАТО – Целите на способности согласно предвидената динамика.

„Нашата држава прави исчекор во развојот на капацитетите“, истакна Мисајловски, укажувајќи на тоа дека само изминатата година во земјата веќе е пристигната значајна опрема, која паралелно со развојот на човечкиот капацитет овозможи армиската Лесна пешадиска баталјонска група, да биде оценета како „борбено способна за извршување на својата мисија“, согласно сите НАТО – стандарди.

На маргините на состанокот, министерот Мисајловски разговараше со повеќето колеги, а имаше и средба со грчкиот министер за национална одбрана, Николаос Дендиас, на која се разговараше за заедничката стратешка определба, мирен и стабилен регион и силна колективна одбрана.

На средбата беше истакната отворената, непосредна и искрена комуникација која придонесува за континуиран раст на одбранбената соработка, за што е потврда меѓусебната посветеност и значајната реализација на годишниот план за одбранбена соработка.

Мисајловски на средбата додаде дека со инвестициите кои во моментов се прават во одбраната и безбедноста, како и силното инвестирање во транспортната мрежа на коридорите 8 и 10 се овозможува поцврста одбрана и поголема безбедност за граѓаните на двете земји.

Scroll to Top