Во акција на мобилен царински тим, запленети се 40.872 парчиња пиротехнички средства – петарди и огномети, ризични по здравјето на граѓаните. Поведена е кривична постапка против сторителот, македонски државјанин од Гостивар, при што поднесена е кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и со експлозивни материи, казниво по Кривичниот законик, соопштија од Царинската управа.
Делото, како што појаснуваат било откриено на граничен премин Блаце, при преглед на возило со швајцарски регистарски таблички. При претресот, царинските инспектори од мобилниот тим, забележале дека задните седишта се спуштени напред, при што целиот тој простор и багажникот од автомобилот биле исполнети со пиротехнички средства. Во текот на истрагата е утврдено дека сторителот ги набавил нелегалните распрскувачки материи од Приштина и истите сакал противзаконски да ги внесе во Македонија.
„Нагласуваме дека употребата на нелегални пиротехнички средства претставуваат сериозна закана по безбедноста и здравјето на граѓаните, особено најмладите. Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со надлежните институции со цел спречување на нелегалната трговија и заштита на јавната безбедност“.







