Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и надлежниот јавен обвинител, а во меѓуинституционална соработка со БЈБ – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, спроведе опсежна истрага со која се откриени повеќе случаи во организиран систем за шверц на големи количини цигари и избегнато плаќање на давачки кон државата во вкупен износ од над 377 милиони денари или над 6 милиони евра.
Операцијата опфаќа случаи реализирани во повеќе наврати во периодот од 01.01. до 30.06.2024 година, при што во истрагата спроведена од Царинската управа се откриени различни начини на незаконско внесување, истовар и пуштање во промет на цигари без соодветна царинска евиденција и без плаќање на законски утврдените давачки.
Во истрагата се опфатени шпедиции, транспортни и увозни компании, физички лица, како и инволвираност на полициски и царински службеници.
Притоа, во 3 од вкупно 7 откриени случаи, утврдено е дека шлепери натоварени со цигари влегувале во Република Македонија преку ГП Богородица во транзитна постапка, и притоа наместо транзитот да биде реализиран согласно царинските прописи – цигарите биле нелегално истоварани на територијата на државата, по што шлеперите ја напуштале државата преку ГП Табановце – празни, а во царинскиот систем биле заведени како полни. Значи, и покрај тоа што цигарите фактички не ја напуштале државата, транзитните постапки биле раздолжувани како шлеперите да ја напуштиле земјата полни со цигари.
Во рамки на истата истрага, откриени се и 4 случаи во кои шлепери натоварени со цигари влегле преку ГП Богородица, но нивното влегување во државата не било евидентирано ниту од страна на царинските, ниту од страна на полициските службеници.
Цигарите потоа биле истоварени на територијата на Македонија, без соодветно документирање на стоката или ставање во соодветна царинска постапка, како и без плаќање на законски утврдените давачки.
Количината на цигари во сите 7 откриени случаи е вкупно 69.350.000 парчиња цигари кои се нелегално пуштени во слободен промет во државата.
За сите овие случаи, врз основа на собраните сознанија и утврдени докази, а во координација со надлежниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Царинската управа на ден 23.09.2026 поднесе кривични пријави против 3 правни и 18 физички лица од кои 3 полициски службеници и 4 царински службеници. Кривичните пријави опфаќаат кривични дела: „Криумчарење“ согласно член 278 и „Царинска измама“ согласно 278а од Кривичниот законик, за „Несовесно работење во служба“ и „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ согласно член 353 од КЗ, „Компјутерска измама“ согласно член 251 од КЗ, како и „Избегнување на плаќање на акциза“ согласно член 279 од Законот за акцизи.
„Истрагата јасно покажува дека незаконското постапување не се однесува само на учесници од страна на економските оператори, туку опфаќа и вклученост на службени лица кои согласно своите законски овластувања и работни обврски, се обврзани да го спречат токму ваквото незаконско постапување“- нагласи директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
По поднесувањето на кривичните пријави до ОЈО ГОКК, издадени се наредби за претрес на 23 локации, каде претресот е извршен во утринските часови на 24.09.2026, целосно координирано со надлежниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК и со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР- БЈБ. Од издадените наредби за претрес од надлежниот јавен обвинител, до овој момент – приведени се 13 лица, од кои 4 царински службеници, 2 полициски службеници, 2 возачи и 5 други физички лица.
Царинската управа соопшти дека заедно со надлежниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК, продолжува со преземање на сите неопходни дејствија за целосно расчистување на случаите и утврдување на одговорноста на сите лица за кои ќе се утврди дека биле вклучени. Во тек се и дополнителни истражни дејствија, а согласно досегашните сознанија, се очекува бројот на опфатени лица и поднесени кривични пријави да се зголеми.
Царинската управа, најавија од таму, продолжува со интензивни контроли и истраги насочени кон откривање и спречување на организираниот криминал, шверцот и сите форми на незаконско однесување, како и спречување на обиди за избегнување на давачки кои треба да се платат кон државата.
„Посебен приоритет е откривањето на случаи во кои постојат сомневања за злоупотреба на службената должност или соработка на службени лица со организирани криминални структури, како еден од најопасните облици на системска корупција, кој директно ја поткопува правната држава, националната безбедност и довербата на граѓаните во институциите.
Со ова пренесуваме порака дека за Царинската управа нема и нема да има недопирливи.
Секој за кој ќе се утврди дека ги прекршил законите или ги злоупотребил службените овластувања ќе биде предмет на соодветна постапка пред надлежните институции, без оглед дали станува збор за економски оператор, физичко лице, а особено службено лице.
Со овој случај, пренесуваме уште една порака до сите кои што го следат работењето на државните институции во Република Македонија и надвор од неа: овој случај е еклатантен пример за тоа како – кога има доволно волја, највисок степен на професионализам и желба за напредок на државните институции а со тоа и на државата – институциите во Македонија можат да соработуваат успешно и да даваат резултати како овој.
Соодветна помош, на наша иницијатива добивме и од Царинските управи на Грција и Србија, со што докажуваме дека Царинската управа не е изолирана институција и на меѓународно ниво, како што било случај во минатото.
За шверцот со цигари до сега само се шепотело во кулоарите, но никогаш и од никого не се преземале конкретни мерки и чекори.
Царинската управа денеска покажа како се бранат државните интереси.“ – истакна директорот Николовски.







