Потпишан е договорот за набавка на 3.300 нови контејнери, со што започнува една од најголемите набавки од ваков тип во изминатите години, насочена кон унапредување на системот за собирање и управување со отпад во Скопје, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Набавката, како што појаснува, има за цел да придонесе кон почисти населби, намалување на отпадот околу контејнерите, поефикасно и навремено празнење, како и подобрување на условите за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
„За споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери, бројка која не ги задоволува потребите на главниот град. Недостатокот на соодветна опрема резултираше со преполни и оштетени контејнери, наталожен отпад околу нив и нарушување на комуналната слика во повеќе населби.
Со актуелната набавка, значително се зголемува бројот на расположливи контејнери и се создаваат услови за поефикасно функционирање на системот за собирање отпад“.
Според него, особено значајно е што новите контејнер, како што вели, се набавуваат по цена од 9.600 денари по парче, додека претходно набавуваните контејнери биле по цена од над 18.000 денари по парче.
Ова, оценува тој, претставува значително поекономично искористување на средствата, особено имајќи ги предвид глобалните ценовни движења и зголемените трошоци за набавка на материјали и опрема.
„Набавката на 3.300 нови контејнери е дел од пошироките активности за модернизација и подобрување на работата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, по набавката и на нови возила за претпријатието.
Чекор по чекор се создава пофункционален и поефикасен систем за управување со отпадот, со цел Скопје да биде почист, поуреден и достоинствен град за сите граѓани.
Фокусот останува на решавање на наталожените проблеми, подобрување на комуналните услуги и одговорно управување со средствата на граѓаните“.







