Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, реагираше по повод големиот пожар што избувна во Скопје, оценувајќи го како директна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина.
„Во овој момент сведочиме на ужас што не смее да се повтори – огромен пожар ја уништува животната средина и директно го загрозува здравјето на скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од самиот почеток, заедно со колегите Бобан и Дејан, е на терен и дека се вложуваат максимални напори за ставање на пожарот под контрола.
„Ангажиравме општествено одговорни компании кои со машинерија и песок помагаат во негово затрупување. Со нас се и екипите на Противпожарната служба од Скопје и МВР. Се користат сите расположливи сили за ставање под контрола на оваа катастрофа,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој го нарече настанот „злосторство против народот и луѓето на Скопје“ и порача дека „некој си игра со трпението и здравјето на граѓаните“.
„Упатувам апел до сите надлежни институции: постапете итно и безмилосно! Скопје и неговите граѓани не смеат да се гушат во чад и отров,“ рече кандидатот за градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе останат на терен со граѓаните сѐ додека пожарот целосно не биде изгаснат.