Јаневска: Преку развој на формалното и неформално стручно образование го подобруваме пазарот на труд и ја јакнеме економијата

Македонија има квалитетен систем на формално стручно образование кој во соработка со бизнис секторот продуцира кадар што му е потребен на стопанството. Тој систем постојано се надградува и неодамна се формирани седум регионални центри за стручно образование и обука, а паралелно фокусирани сме и на развој и промоција на неформалното образование и обука меѓу повозрасната популација за да продолжиме да го намалуваме јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Овие два сегменти ќе бидат во фокусот на нашите образовни политики и во периодот што следи.

Ова го посочи министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, говорејќи како еден од панелистите на денешната дискусија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење, што се одржа во рамки на третиот „Глобален конгрес за население, здравје и развој на човечки капитал“ во Каиро.

Јаневска нагласи дека државата спроведува успешна инклузивна политика во формалното образование, но дека и неформалното образование треба да се практикува како концепт на доживотно учење, заради континуиран личен развој и постојано напредување во работата.

„Предизвик е што 25% од популацијата во Македонија на возраст од 25 до 64 години одлучува да се надградува постојано во текот на животот, да ги развива стекнатите вештини за да обезбеди работен ангажман или да напредува во работата. Нашата интенција е да го достигнеме европскиот просек кој изнесува 47% и затоа усвоивме ново поефективно законско решение, нова Стратегија за образование на возрасните и преку промотивни активности ги поттикнуваме да продолжат да се едуцираат, да ја зголемат својата вработливост и да бидат повеќе конкурентни на пазарот на трудот“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека државата во соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија изработи Стратегија за паметна специјализација која укажува во кои области државата има потенцијал за развој и во таа насока Владата ги канализира човечките ресурси и инвестициите. Стручното формално и неформално образование помагаат за успешна имплементација на овој стратешки документ со крајна цел за економски напредок на Македонија.

Соговорници на настанот беа египетскиот заменик министер за образование и стручна едукација, проф. Ајман Баха, генералниот секретар на Националниот одбор на универзитети, проф. Мустафа Рифат, како и претставници на УНИЦЕФ и Светска банка.

Јаневска присуствуваше на повеќе други панел дискусии и презентации во рамки на „Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал“ а оствари и средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур со кого е договорено формирање на работно тело со претставници на двете држави што ќе дефинира конкретни активности кои ќе ја продлабочат билатералната соработка во високото образование и науката.

Scroll to Top