-Многу ми е драго што македонската премиера на филмот се случува токму овде во Битола, на фестивалот „Браќа Манаки“ бидејќи кога дознав дека сме добиле сретства за снимање од Агенцијата за филм јас бев во Битола. И сега имаме премиера во Битола. Драго ми е дека првата информација ја добив во овој град, кој мене ми е многу драг и сега со премиера на мојот филм доаѓам во овј град, рече Срѓан Јаниќијевиќ, режисер на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ со кој вечерва се затвора 47.издание на ИФФК „Браќа Манаки.
Идејата за филмот постоела уште од 2015 година и ја работеле заедно со Сашо Коколанов и Дејан Дуковски, а Дејан Димески е кинематографер на филмот.
-Јас доаѓам 34 изданија на овој фестивал и многу ми е драго што повторно сум овде со филм. Досега со Срѓан сме соработувал, но сега прв пат на филм. Јас секогаш прво го читам сценариото и потоа согледувам колку драматуршки камерата може да биде составен дел на филмот и да го осетам сенсот на филмот. Срѓан многу ми помогна бидејќи тој секогаш има неконвенционален пристап на нештата и тоа се гледа и во овој филм, рече Димески кој раскажа за еден трик со осветлувањето кој прв пат го работел, а му го предложил Срѓан.
Снимањето во голем дел се одвивало од рака, со објективи со кои поблиску биле до актерите, но без тоа да им пречи на актерите. Снимале околу дваесеттина дена, претежно навечер на обиколницата во Скопје, на Водно, во самиот град, во Кучково и во текот на летно време кога било навистина топло.
Во рамките на денешната прес конференција говореше продуцентот Дарко Попов, чиј филм „Мајка вештерка“ беше прикажан вчера во специјалната селекција.
-За овој филм работеше македонска екипа -асистент на камера, гафер, дизајнер на маска….и многу добро соработуваа со останатите членови од меѓународниот тим кој работеше на филмот. Делиме и заеднички сензибилитет кон митови сите на овој регион, што всушност е и темата на филмот, така што и кога влеговме во финансирање сметавме дека ќе може да се прикажува во овие држави, рече Попов.
Кинематограферот на филмот „Само убави нешта за гледање“ прикажан во селекцијата на Јадранската мрежа, Јурај Хлпик рече дека режисерот Иван Остроховски има свој начин на работа и не сака многу голема екипа и класичен начин на работа.
-Научив доста од него, а темата за која говори филмот е принудната стерилизација на жените Ромки, јас тогаш сум бил многу мал, а темата не беше актуелизирана и сметам дека филмот помага во афирмирањето на овој проблем. Многу често го вртиме погледот од неубавите работи и затоа сакавме пореалистично да прикажеме што се случува, рече Хлпик.
Од документарната програма, денеска на прес конференција беа Карлос Касас режисер на филмот „Кракатао“ и колористот на филмот.
-Целта беше да се прикаже една голема ерупција со сите последици што доаѓаат и моја задача е да му го пренесам тоа на гледачот. Овде сликата е само алатка за да се извлече тоа чувство кај гледачот и затоа е многу важна соработката со кинематограферот, еве и колористот, но и звукот, музиката во филмот игра голема улога во пренесувањето на приказната, рече Касас.
Режисерката и кинематограферот на филмот „Лавот на мојот грб“ вчера прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“ во рамките на официјалната камера 300.
Ману Тилински, кинематограферот на филмот рече дека ако една слика прикажува 1.000 зборови, сега треба да каже 1.000 зборови за да прикаже една слика.
-Додека го читам сценатиото наоѓам неколку клучни ситуации и потоа врз основа на нив го снимаме филмот. Во Кипар е светло, но тоа требаше да го избалансираме со темнината на темата. Бојата е клучниот фактор на се, атоа што снимавме во екстериери кои се монохроматски, но моравме да додаваме боја за да ја доловиме приказната, рече Тилински.
Тониа Мишиали е режисерка на филмот раскажа дека филмот е лична приказна и важно ми беше да биде раскажана.
-Во време кога го пишував сценариото ќерка ми беше тинејџерка и сакав да раскажам приказна која беше релевантна. Долго време помина во барање на непрофесионална актерка за филмот, работевме многу проби со неа, но токму пред почетокот на снимањето таа мораше да замине, па потоа најдовме професионална актерка за улогата, рече Мишиали и сподели дека и самата е мигрантка и затоа е толку чувствителна на таа тема.
Од краткометражната програма на денешната прес конференција говореше Хулијан Амару, кинематографер на филмот „Таму на небото“ кој раскажа како течело снимањето на филмот во кој претежно играат деца кои се деликвенти. За потребите на филмот наоѓале и млада жена која го дои своето дете но е тинејџерка, а и младо момче кое има 15-16 а води мало момче кое е всушност негов син.
Филмот „Очите на Берна“ говрои за сексуалното насилство што го трпат жените и што би било ако тие ја земат правдата во свои раце и почнат да се одмаздуваат.
Режисерот Ермал Гердовци говореше за филмот кој публиката ќе го погледне вечерва и рече одамна постоела идејата за филмот и дека е среќен што е прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“.







