Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, го коментира застарувањето на предметот „Талир“ на некогашното специјално обвинителство. Таа обвини дека СЈО и сите во него сите таму биле „црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7.
Јанкулоска наведува дека СЈО водело кадровска политика преку политички прогон за билдање на партиски рејтинзи.
„Застарел дел од предмет што ниту можело ниту требало да биде предмет на кривично гонење ако барем некои од оние кои се занимавале со него се држеле до законот, правдата и правото, а не се воделе од политички диктати. СЈО и сите таму, беа “црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7.
Се занимаваа со се освен со тоа за што беа формирани. Водеа кадровска политика во политичките партии преку политички прогон, “билдаа” партиски рејтинзи за изборни цели, преку закани и притисоци одбираа владини партнери не според освоени гласови туку според дневно политички потреби, и сега проблем бил Кривичниот законик од 2023 (кој сам по себе е тема за посебна дебата). Не е ниту до тој ниту до било кој друг закон.
До правниците е, кои во се гледаа математика и тераа политика, си кркаа незаконски бонуси и десет години парадираа до судовите како холивудски ѕвезди и градеа метеорски кариери ама не заради резултати или квалитет туку заради сервилност кон претходната власт“, напиша Јанкулоска на социјалните мрежи.
Случајот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, следната недела ќе почне од почеток по дури 6-ти пат.
Вчерашното рочиште се одложи, а во меѓувреме застаре кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, за кое се гонеа екс премиерот Никола Груевски и Кирил Божиновски, а остана само кривичното дело за перење пари.
Во случајот освен Груевски и Божиновски, обвинети се и Илија Димовски, Леко Ристовски и екс министерот за транспорт, Миле Јанакиески.







