Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ја отвори изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.
Во присуство на многубројни гости, министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата на која се претставени дела од реномирани македонски уметници, меѓу кои и дела од основоположниците на современата македонска ликовна уметност во сопственост на познатиот белградски колекционер Игор Станковиќ, претставува топол културен мост меѓу Македонија и Србија.
„Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… вечерва нѐ обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Затоа вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народа“, рече министерот Љутков, додавајќи дека вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела.
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција, нагласувајќи дека изложбата е „чин на непроценливо културно признание и пријателство“.
Иницијатор и домаќин на настанот е директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој ја истакна важноста на овој проект за афирмацијата на македонското ликовно наследство.
Реализацијата на изложбата „Откритија“, која е отворена за посетители до 29 ноември, е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува значаен проект што отвора ново поглавје во презентацијата на македонската уметност во Србија.







