Андоновски во Загреб: Македонија и Хрватска ја продлабочуваат соработката за дигитална трансформација

Во рамки на работната посета на Загреб, Хрватска, Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со министерот за правда, јавна администрација и дигитална трансформација на Република Хрватска, Дамир Хабијан, на која се разговараше за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, модернизацијата на јавните услуги и јакнењето на дигиталната инфраструктура.

На средбата беа разменети искуства за развојот на дигитални услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите.

Беше нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.

Посебен акцент беше ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи — DMS. Министерот Андоновски истакна дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација. “Богатото искуство на Хрватска во дигитализацијата на процесите во јавната администрација и правосудството е од исклучително значење за македонскиот процес на дигитална трансформација.”

На средбата беше разговарано и за можноста за организирање обуки и размена на експерти меѓу двете земји, особено во областа на архивското работење и електронското управување со документи. Воедно, беше отворена и можноста за заедничка соработка преку твининг-проекти и европски механизми за поддршка на дигиталната трансформација.

Министерот Андоновски ја истакна Република Хрватска како добар пример за дигитализација на јавниот сектор и нагласи дека соработката со земјите од регионот и Европската Унија е од особено значење за забрзување на реформските процеси во Македонија.

„Дигиталната трансформација е основа за подобри, побрзи и подостапни услуги за граѓаните. Хрватското искуство во областа на е-архивата, податочните центри и дигиталните услуги претставува значаен пример на кој можеме да се огледаме и да развиваме конкретна соработка“, истакна министерот Андоновски.

Двајцата министри изразија подготвеност за продолжување на комуникацијата и иницирање конкретни активности за продлабочување на билатералната соработка во областа на дигиталната трансформација.

Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на Форумот на IDU. Како член на Извршниот одбор на ИДУ, Андоновски ќе учествува и на седницата на Извршниот одбор во текот на утрешниот ден.

Scroll to Top