Вицепремерот за добро владеење Арбен Фетаи преку социјалните мрежи соопшти дека на премиерот Христијан Мицкоски му ја доставил неговата оставка од функцијата.
Фетаи објави дека одлуката била донесена внимателно и произлегува од неговото убедување дека во актуелните околности тоа е најправилен и најдостоинствен чекор.
„Драги пријатели и сограѓани,
Денес ја поднесов мојата оставка од функцијата вицепремиер задолжен за добро управување до премиерот.
Во текот на овие две години, имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото, мисија подеднакво важна колку што е и неблагодарна.
Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но, дали работев со максимална посветеност за да воспоставам цврсти темели врз кои ќе се гради понатаму? Без никакво двоумење, да.
Заминувам со крената глава и чиста совест“.
Ова, додава Фетаи во напишаното, била добро осмислена одлука.
„Донесена со убедување дека во сегашните околности ова е најправедното и најдостоинственото нешто што треба да се направи.
Им се заблагодарувам на сите оние што ми веруваа, ме поддржаа и соработуваа со мене за време на ова патување. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми дадоа сила и мотивација на секој чекор.
Служењето на јавниот интерес не завршува кога ќе заврши функцијата. Напротив, тоа продолжува секаде каде што се потребни интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на општото добро“, пишува Фетаи.







