Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш

Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.

Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.

Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.

Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.

Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.

Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.

Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.

Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.

Scroll to Top