Бројот на германски туристи зголемен за 219 отсто, над 23.000 Германци годинава ја посетија Македонија

Во рамките на „Museumuferfest“ во Франкфурт, настан кој секоја година ги обединува посетителите од регионот и многубројните туристи од целиот свет, Министерството за култура и туризам успешно ја промовираше Македонија како врвна европска дестинација.

Македонија беше претставена како држава со автентична култура, недопрена природа, примамлива гастрономија, земја која има врски со светот, за што зборуваат и податоците – во првите пет месеци од 2025 година бројот на германски туристи што ја посетија Македонија порасна за 219 %, односно над 23.000 Германци.

Во рамките на саемот, на посетителите им беше претставено и богатото културно наследство на нашата држава – археолошките локалитети, недвижните културни добра, артефактите, музејските поставки, кои се непобитни показатели за нашето културно-историско минато.

Претставувањето на саемот е уште една иницијатива поттикната од воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт и Археолошкиот музеј од Франкфурт, што неодамна беше официјализирана и со потпишувањето на билатерални документи со Министерството за култура и туризам и Музејот на град Скопје.

Посетителите на саемот имаа можност да ја проследат и изложбата на Музејот на град Скопје „Масовната гробница во Скупи – една темна страна на римската историја“, која во Археолошкиот музеј во Франкфурт беше отворена минатата година, а досега ја посетија над 10 000 посетители.

Scroll to Top