Вечерва се затвора 14. Џифони Македонија: ќе бидат избрани најдобрите филмови

Четиринаесетото издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во киното „Фросина“. Од 19 часот ќе започне вечерта во која џифонци покажуваат што креирале во изминатите пет дена за време на работилниците што се одржуваат секоја година. Исто така, вечерва ќе бидат избрани дел од учесниците што ќе ја претставуваат Македонија на централниот настан, односно на Филскиот фестивал во Џифони 2027 година, а ќе бидат избрани и најдобрите филмови на фестивалот. Во изминатите неколку дена, основците, односно учениците од шесто до деветто одделение беа јуниорско жири во Кинотеката каде проследија долгометражни и краткометражни филмови, имаа дискусии и учествуваа на работилници. Целата програма за средношколците се одвиваше во МКЦ – Младонскиот културен центар.

Голем интерес кај џифонци вчера предизвика филмот „Кој те создаде“ (Who Made You) кој ја обработуваше темата за вештачката интелигенција на финската режисерка Ирис Харма, со која џифонци можеа да поразговараат и да поставуваат прашања.

Таа им објасни дека процесот на создавање бил долг и дека кога креирате документарец, треба да ја следите приказната повеќе години.

-Ние како човештво треба да ја разбереме целата работа со АИ и со технологијата, да ја разбереме и посебно властите, луѓето што ги водат државите треба да бидат целосно искрени и да ни кажат што се може да се прави со АИ. Ние мораме да ја разбереме технологијата и да ги разбереме ризиците од користењето и заедно ќе сме посилни – рече Харма.

Најважно е да имаме дијалог, а тоа е најважното нешто. Ние мора да имаме поголема контрола врз АИ, рекоа авторите на филмот.

Овој документарен филм ѝ пристапува од хуманистичка перспектива на една од најактуелните теми на нашето време: брзиот развој на технологијата и трансформацијата што следува со него. Филмот им дава глас на истражувачите кои работат во оваа област. Преку прикажување на визиите на експертите и средбите меѓу луѓето и роботите, филмот ни овозможува да ѕирнеме во нашата блиска иднина.

Јуниорите учествуваа на работилница за мјузикл со Лада Шоптрајанова Петровска, на работилница за ликовна уметност со Моника Мотеска и за краток филм со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Средношколците можеа да учат за краток документарен филм со Ханис Багашов, за филмска фотографија со Елена Бојаџиева-Цветковска, за тоа како се прави сториборд заедно со Здравко Гиров и Давор Драмикјанин од здружението „Макстрипови“. Софтверскиот инженер Александар Колов ги внесе џифонци во тајните на 3Д-принтот користејќи рециклирана пластика од шишињата за вода.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен институт, Џифони Експириенс, Град Скопје, како и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.

Scroll to Top