(Видео) Милевски: Лукровски се повлекува, бараме итна седница на советот на Општина Карпош

СДСМ бара вонредна седница на Советот на општина Карпош по, како што велат, повлекувањето на градоначалникот, Сотир Лукровски.

„После распадот на ЗНАМ, сега пукнатините јавно излегуваат на површина и во ВМРО-ОКГ. Градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува, затоа не сака да потпишува документи поврзани со бизнис интересите на Мицкоски и неговата група. Документи кои можат да значат лична кривична одговорност поврзана со сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање фирми“, изјави Панче Милевски – Панта, претседател на општинската организација СДСМ Карпош.

Тој обвинува дека градоначалникот Сотир Лукровски исчезнал токму кога на граѓаните им е најпотребна одговорна и присутна локална власт.

„Карпош денес е симбол на застој, нефункционалност и институционален хаос. Општината е закочена, проектите стојат, а граѓаните се оставени без одговори. Во меѓувреме, граѓаните на Карпош оправдано прашуваат: Дали е доведено целосното функционирање на општината? Дали се доведени во прашање платите на вработените во Општина Карпош во следните месеци? Дали вработените треба да стравуваат за својата егзистенција поради неспособноста, неработењето и хаосот што го создаде локалното раководство?“, рече Милевски.

Според него, ова не е само личен неуспех на Сотир Лукровски туку уште едно погрешно кадровско решение на Христијан Мицкоски.

Милевски вели дека доколку градоначалникот не е подготвен или не е способен да ја води општината, тогаш единствено чесно решение е оставка и распишување вонредни локални избори.

Scroll to Top