(Видео) Милошоски: „Мазут“ доживеа една тивка амнестија

Во изминатиов период од неколку дена гледаме дека случајот „Мазут“ доживеа една тивка амнестија со одлуката на ЈО ГОKК да се прекине истрагата за овој предмет, изјави Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник

„Заклучокот е јасен. Иако јавноста е изненадена на непријатен начин, сепак главниот обвинител во ЈО ГОKK, Ислам Абази, веројатно има лична и политичка концесија кон Ахмети, Заев и Филипче, како ментори на неговата кариера. Се разбира, оваа конесија е заради блиските до СДС и ДУИ: Васко Ковачевски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски коишто заедно со други девет лица биле предмет на оваа голема набавка на мазут вредна 167 милиони евра. И покрај тоа што стручни истражители од Министерството за внатрешни работи, обезбедиле релевантни докази за оваа коруптивна и скапа набавка, сепак Ислам Абази и неговата соработничка Коларевиќ од ОЈО ГООК, одлучуваат оваа истрага да биде прекината“, рече Милошоски.

Тој го повика претседателот на Советот на јавни обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во ЈО ГООК, заради, како што рече, оваа контраверзна одлука за прекинување на истрагата во случајот „Мазут“ и набавките во ТЕЦ Неготино.

„Советот на јавните обвители по закон, има обврска да ја следи работата на обвинителите и согласно овие законски надлежности обвинителот Ислам Абази и неговата колешка Коларевиќ, треба да бидат темелно сослушани и да биде со нив заедно истражена постапката и начинот на којшто тие одлучуваат да го прекинат овој случај наречен „Мазут“ и обвинетите уште пред да појдат на суд да ги амнестираат од било каква одговорност или од било какво обвинение“, рече Милошоски.

Scroll to Top