Околу 250 деца со попреченост, од кои најголем дел првачиња, ја започнале учебната година без потребните образовни асистенти, тврди СДСМ и бара проблемот итно да биде решен.
Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ ја обвини министерката за образование Весна Јаневска дека трета година по ред дозволува учебната година да започне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост.
„Образовниот асистент е неопходна поддршка за децата со попреченост – поддршка што им овозможува да ја следат наставата, да учествуваат во училишниот процес и да ги остваруваат своите права рамноправно со другите деца“, рече Манасков.
Училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата до 30 јуни, по завршувањето на уписите. Од партијата прашуваат што направило Министерството за образование со тие барања и зошто асистентите не биле обезбедени до почетокот на учебната година.
Манасков посочи дека доколку постапката за вработување трае повеќе од 20 дена, дел од децата би можеле да добијат образовен асистент дури по 20 септември.







