(Видео) СДСМ бара мораториум за нови комерцијални дата центри, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека Националниот дата центар е во корист на граѓаните

СДСМ побара мораториум за изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода, оценувајќи дека во услови на намалени водни ресурси и недостиг на електрична енергија ваквите инвестиции може да создадат дополнителен притисок врз водоснабдувањето и енергетскиот систем.

На прес-конференција, Кети Штерјова од СДСМ рече дека Македонија повеќе увезува струја отколку што произведува и дека во повеќе населени места граѓаните се соочуваат со проблеми со водата, а Владата, како што обвини, во такви услови продолжува да турка проекти за дата центри.

„СДСМ не е против дигитализација. Дигитализацијата не значи само да се изгради дата центар. Таа значи функционални електронски услуги, поврзани институции, помалку бирократија и држава која работи побрзо и поефикасно за граѓаните“, рече Штерјова.

Таа предупреди дека големите дата центри трошат значителни количини вода и електрична енергија и побара од Владата да одговори колкав дополнителен увоз на струја би бил потребен, каква вода би се користела и какво би било влијанието врз животната средина.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ шири лаги и паника и дека ја меша изградбата на големи комерцијални дата центри со Националниот дата центар што Владата планира да го изгради за потребите на државата и граѓаните.

Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на Националниот дата центар е на едно современо, високо заштитено и енергетски ефикасно место да се складираат податоци кои сега се распределени во различни дата центри и функционираат со различни безбедносни стандарди.

Од партијата наведуваат дека со проектот државата би добила централизирана инфраструктура со повисоки безбедносни стандарди, а средствата би се обезбедувале преку грантови и поволно финансирање од меѓународни партнери.

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека додека била на власт оставила проблеми во дигиталната инфраструктура, потсетувајќи на хакерски напади врз повеќе државни институции.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно во корист на граѓаните, во конкретниот случај тие да немаат проблем со нивните податоци и навремено да ги добиваат услугите од државата“, се наведува во реакцијата.

Scroll to Top