Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против формирање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, иницијатива поднесена од пратеничките групи на СДСМ и Левица и поддржана од Европскиот фронт.
Спасовски посочи дека пратениците кои ја поддржале иницијативата направиле сè што можеле, но, како што рече, владеачкото мнозинство не покажало „ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство“ за семејствата на загинатите и повредените.
„Очигледно ова е партиска директива“, изјави Спасовски, додавајќи дека повторно се враќа време на „протест и контрапротест, пленум и контрапленум“. Тој оцени дека мнозинството го вреднува само она што произлегува од нивните редови, без еднаков третман на иницијативите од другите претставници.
Според Спасовски, ваквата одлука претставува „уште едно понижување и разочарување“ за семејствата што ја изгубиле најголемата вредност. „Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност“, рече тој.
Тој додаде дека Парламентот пропуштил можност да покаже единство и солидарност.







