Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.







