Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница побара од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, да објасни зошто Владата употрно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на растечки трошоци, кога синдикалната потрошувачка кошница се зголемила за повеќе од 4.500 денари во последните 15 месеци.
„Индексот на трошоците на живот во октомври 2025 е за 4,5% повисок во однос на истиот месец лани. Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 7%. Тоа значи дека инфлацијата систематски го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на месецот. Но, наместо да барате начин како да го затворите овој јаз, вие излеговте со изјава дека „проценките покажале оти со минимална плата од 500 евра може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти“. Со други зборови, според вашата логика, проблем не е тоа што граѓаните веќе плаќаат поскапени (повисоки) сметки, туку тоа што ако конечно добијат 500 евра минимална плата – тие ќе бидат виновни за нов бран инфлација.
Истовремено, синдикалната потрошувачка кошница се движеше нагоре како лифт кој ретко се симнува.
Дополнително, економските аналитичари укажуваат дека поради инфлацијата денешните 24.379 денари реално вредат колку околу 18.000 денари пред три години“.
Во оваа економска ситуација која е корозивна за животниот стандард на граѓаните, додава Тренчевска, барањето на синдикатите за минимална плата од најмалку 500 евра беше само обид за минимален праг на достоинство.
„Зошто Владата систематски бега од темата за минималната плата и во Буџетот за 2026 година не нуди јасен, временски прецизен план како и кога работниците ќе стигнат – па и ќе го надминат – прагот од 500 евра? И како очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни за „зголемени плати“, кога нивната минимална плата реално вреди колку 18.000 денари од пред три години?
Долги месеци од страна на Владата слушавме сè, од најави за буџетската дисциплина до големи најави за нови инвеститори, само не и јасен став за минималната плата“.
Сега, рече Тренчевска, во момент кога во јавноста отворено кружат идеи за реконструкција на Владата, одеднаш се појавувате со најава дека во март 2026 минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари. Таа бројка, според неа, звучи како лесен политички слоган, односно доволно голема за наслов на некои медиуми, но недоволно објаснета за да биде веродостојна.
„Во меѓувреме, Сојузот на синдикатите на Македонија веќе најави дека нивното барање за 500 евра минимална плата е застарено и дека ќе бараат износ над 500 евра, токму затоа што – парафразирам – „сите земји од регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата“. Додека кај соседите растот на минималната плата се брои во евра, кај нас уште се калкулира дали плус 1.500 или плус 2.000 денари ќе биде доволно за смирување на незадоволството.
Во целото тоа, социјалниот дијалог е практично парализиран. Економско-социјалниот совет не функционира како место каде што се договараат овие политики, туку како институција која постои само на хартија. Синдикатите бараат минимална плата на 500+ евра, работодавачите бараат предвидливост, а вие, односно Владата најавува „плус 2.000 денари“ без да објасни дали зад тоа стои реален трипартитен договор или само внатрепартиска пресметка.
Моето второ прашање до вас е, кога долги месеци избегнувавте да понудите јасен став за минималната плата, а сега во момент на најави за реконструкција на Владата одеднаш излегувате со бројка од плус 2.000 денари, на што точно е заснована оваа најава? Дали станува збор за бројка произлезена од реален и транспарентен социјален дијалог во функционален Економско-социјален совет или пак на примена на законската формула од 2022 година која ја врзува минималната плата со инфлацијата и просечната плата“, праша Тренчевска.







