Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница посветена на пратенички прашања побара од министерот за правда, Игор Филков, да даде одговор зошто реформите во правосудниот систем целосно стагнираат и кој ќе понесе одговорност за блокадата на овој клучен сектор.
Тренчевска посочи дека Извештајот на Европската комисија јасно потврдува дека нема напредок во судските реформи и дека независноста на судството е нарушена поради политички притисоци од извршната власт.
Таа нагласи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ за година и пол не донела ниту еден закон од реформската агенда, што покажува дека целта е контрола, а не реформа на правосудството.
“После година и пол од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, видовме само едно – судството е заробено, правда не постои, има нула реформи а власта единствено што сака е партизирано судство по нејзина контрола.
И ова не е нешто што ние како опозиција го кажуваме, дека нема реформи во судството и е јасно нотирано во најновиот Извештај на ЕК.
Во овој најлош извештај за државата, Европската Комисија упатува сериозни критики до Владата за доцнење со судските реформи и за недоволно обезбедување на независноста на судството.
ЕК јасно кажува-„нема напредок.“ Во поглавјето 23 „Темелни права и правосудство“ земјата е оценета со недоволен еден£.
Oва, вели Тренчевска е оценката за владата која ветуваше „правда“, а испорача притисоци, блокади и институционален хаос.
„И ова не е некоја „туѓа критика“, туку официјална потврда од ЕК на она за што предупредувавме година и пол, дека ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата назад. Сведоци сме на алармантни примери на политички притисок и обиди за контролирање на судиите од страна на извршната власт. ЕК јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Финансиската автономија на судството се поткопани. Ова не е политичка квалификација од опозицијата, ова е директен цитат од Брисел.
Во извештајот, Европската Комисија јасно ги посочува трите најважни препораки:
Да се донесе Законот за парнична постапка со двотретинско мнозинство,
Да се спроведе стратегијата за реформи во судството,
Да се зајакне независноста и транспарентноста на Судскиот совет, како и доследната примена на АКМИС“.
Тренчевска со прашање до Филков што е направено за година и пол?
„Наместо реформи – притисоци. Наместо институционална независност – обид за целосно потчинување на независните институции.
Како министер за правда, треба да знаете дека притисокот врз членовите на Судскиот совет ја загрозува правната држава.
Вашата работа како министер за правда не е да ја покривате неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и да бидете привезок на партиските интереси на коалицијата, туку да ја штитите независноста на судството и правото на граѓаните на правда“.
Според неа, реформската агенда е закопана во место и ништо не се помрднува. Како што оценува Тренчевска тоа јасно покажа дека целта на оваа власт не е реформа во судството, туку контрола на судството.
„Затоа моето прашање денеска: Зошто не се спроведуваат реформите во судството? Зошто ниту еден закон не е донесен? Кој ќе понесе одговорност за блокадата на најважниот сектор во државата“.







