(Видео) Филипче до Мицкоски: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за Конзул во Србија?

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од собраниската говорница му постави директно прашање на премиерот Христијан Мицкоски во врска со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во соседна Србија.

„Кој е Душан Адамовиќ? Новоназначениот конзул на Македонија во Србија. Кои критериуми се исполнети согласно упатството за постапка за номинации и задачи на почесни конзули објавено во Службен весник?“, праша Филипче.

Тој потсети на критериумите што треба да ги исполнува еден почесен конзул.

„Прво, треба да е докажан пријател или негува почит и симпатии кон Република Северна Македонија. На Твитер видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Тоа ли е исполнет критериум“, рече Филипче.

Понатаму, додаде Филипче, треба да не е осудуван за кривични дела и да има професионални квалификации.

„Од медиумите гледаме дека тој е навивач, дека му бил дигнат автомобилот во воздух, дека му било пукано во нозе. Дали АНБ тоа го проверило? Треба да е афирмирана личност од областите на своето професионално делување. Освен што е високо позициониран член на вашата сестринска партија СНС, друго не сме виделе. И да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот на државата домаќин. Освен што се фали со свои контакти, врски и релации со Русија, ние друго не сме виделе.“ рече Филипче.

Претседателот на СДСМ ги посочи и јавните појавувања на Адамовиќ на настани на ВМРО и го праша Мицкоски дали има лична релација со него:

„Тој човек го видовме на прославата после вашата победа на изборите 2024 тука, во Скопје, го видовме на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моето прашање конкретно: Кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и имате ли лична релација со него?“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Scroll to Top