(Видео) Филипче: Кошта ја потврди вистината, уставните измени се единствениот услов за ЕУ

Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, јасно и недвосмислено кажа дека уставните измени се единствениот пат да се продолжи со европскиот пат на земјава и како што кажа ништо повеќе. Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, се друго е само измислица и само една кампања. Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со лаги. Ветуваа подобрување на нашата преговарачка позиција, ветуваа менување на преговарачката рамка, гаранции, понатаму уставни измени со одложено дејство, вели Венко Филипче, лидер на СДСМ.

„И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени едноставно нема. И тоа беше лага со која што и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста. И сега кога и самиот Антонио Кошта го потврди она што ние го зборуваме со години наназад, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија продолжуваат со лажни вести и да широт лаги.

Ќе јадеме корења, Швајцарија не е во Европска Унија, Европа се распаѓа, Турција не е во Европската унија и веќе неговата позната изјава ни милиметар нема да се поместиме“.

Според Филипче, додека пола Влада, пратеници, функционери на ВМРО имаат бугарски односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба да чекаат со децении.

„Значи сите да јадат корења, а Владата, претставниците на власта со владиниот авион да одат на море. Дали е тоа патриотизам? Тоа е само едно големо лицемерие. Мицкоски и неговата организирана криминална група не сакаат во Европа затоа што таа носи европско судство, носи европско обвинителство, носи европска контрола, носи крај на телефонските повици на обвинителите и сето тоа носи одговорност. Затоа и се служат со лажен патриотизам“.

Ние, додава Филипче, поддржуваме внесување на малцинствата во Уставот и со тоа да продолжи европскиот пат на земјата. Така, како што оцени, граѓаните ќе видат вистински бенефит.

„Понудивме пред неколку недели да споделиме одговорност и да одиме на референдум. Нека кажат граѓаните што мислат за ова, затоа што не гласаа за оваа блокада на европскиот пат. А за се друго не можеме да дадеме поддршка на оваа криминална власт.

Пред нас е историска шанса. Долги децении сме ја чекале оваа шанса. Ако ја пропуштиме ќе помине моментумот и ќе се затвори оваа врата која што ја отвара Европската Унија. Ќе останеме надвор од Европската Унија, слепо црево на Балканот во Европа, уште кој знае колку години и децении надвор. А гледаме дека со најавата и изјавата на Христијан Мицкоски дека нема да се поместиме ни чекор и дека сме спремни да чекаме со децении, тој таа изјава ја кажува со некакво чудно задоволство, а таа цена сите нас ќе не чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме со ова многу важно прашање за државата, затоа што суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата“.

Со Христијан Мицкоски и со ВМРО на чело на земјава едноставно нашата земја нема перспектива, оцени Филипче.

„Едноставно ќе не контролира една организирана криминална група, ќе се организира околу партизираните тендери, ќе ја украде европската иднина во државата. Тој план веќе се спроведува. Заслужуваме да се интегрираме во Европа каде што секако припаѓаме историски, географски, политички, културно и вредносно. Затоа се потребни реформи и потребна е Европа, час поскоро“.

Scroll to Top