(Видео) Филипче: Македонија повеќе не е на европската агенда поради Мицкоски

Македонија повеќе не е на европската агенда и останува на страна од европските процеси поради неспособноста и погрешните политики на Христијан Мицкоски, кажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека државата е доведена во состојба на политичка изолација и неизвесност во момент кога Европската Унија јасно покажува дека проширувањето е високо на нејзината агенда.

„Во текот на вчерашниот ден и од Европската Унија стигна доказот дека ние не постоиме на европската агенда, после најавата за така наречен супер вторник, тој е следниот вторник на 14 јули, кога ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји членки, а сега кандидати за членство во Европската Унија, со што ќе се отворат повеќе кластери и ќе се затворат повеќе поглавија, ќе се отворат кластери за преговори за Украина и за Молдавија, ќе се затворат поглавија повеќе две односно три за Црна Гора и Албанија. И при тоа со конкретни чекори Европската Унија кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ оцени дека државата и граѓаните се, како што рече, „заложници“ на неспособноста на Владата да изгради стратегија за членство во Европската Унија.

„Очигледно е дека сме заложници на личната немоќ на премиерот Мицкоски да се справи со ова најважно прашање за нашата иднина, за иднината на граѓаните на Македонија, а тоа е членството во Европската Унија. Заложници сме на неговата некапацитетност да изгради државна стратегија за тоа како ќе станеме земја-членка на Европската Унија. Заложници сме на лагите со кои тој дојде на власт и сега со истите лаги останува на власт. Тоа што не ни бега и што е очигледна иднина на оваа држава, која во овој момент ја води Христијан Мицкоски, е очигледната изолација“, рече Филипче.

Притоа, тој додаде дека Македонија останува надвор од европските текови и подложна на влијанија што му штетат на евроинтегративниот процес.

„Кога има сè повеќе информации и официјални извештаи на Европскиот парламент кои укажуваат дека има силно руско влијание во регионот, дека има центри во Србија на разузнавачките руски служби кои влијаат на земјите во регионот и го поткопуваат нивниот суверенитет и го забавуваат пристапувањето во Европската Унија, очигледно е дека една од тие земји во кои овие активности имаат резултат е Македонија. Остануваме надвор од сите европски текови, подложни на силно влијание на процеси кои му штетат на евроинтегративниот процес, кој со децении наназад е стратешка определба на нашата земја“, рече Филипче.

Scroll to Top