Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција покажа документи за кои вели дека докажуваат дека водата во болница во Лешок е загадена. Како што кажа Филипче, официјалните документи доставени од укажувачи откриваат дека во Болницата за белодробни заболувања во Лешок била регистрирана здравствено небезбедна вода за пиење, а институциите не презеле ништо.
Филипче нагласи дека извештајот на Центарот за јавно здравје, за тестирање на водата од примерок земен во болницата, покажува сериозно отстапување од дозволените параметри.
„Извештајот за тестирање на безбедноста на водата, е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датум на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупен број на колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма од болницата каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода која што е потребна за пиење. И ова е од болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција?“, рече Филипче
На прес-конференцијата, Филипче нагласи дека ваквата неодговорност на власта директно го загрозува здравјето на граѓаните и побара итна реакција од надлежните институции.
„Што е целта?Да се загрози здравјето на сите луѓе во државата.Бараме итно вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата. Јавно да се објават резултатите од физичките анализи – матност, мирис и останатите параметри, од хемиските анализи – нитрати, нитрити и амонијак, како и микробиолошки анализи и податоците за хлорирањето“, рече претседателот на СДСМ







