(Видео) Штерјова: Младите масовно ја напуштаат Македонија, не сакаат да бидат дел од иднина што Латас и Мицкоски ја кројат за нив

Младите масовно ја напуштаат Македонија. Не сакаат да живеат во земја во која нема перспектива, систем, добра работа, во која немаат иднина. Не сакаат да бидат дел од иднина каква што Драган Павловиќ Латас и Мицкоски ја кројат за нив, истакна на прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ.

„Латас, човекот кој со децении работи за странски служби, денеска слободно ја води највалканата пропаганда во земјата. Неговото семејство е со обезбедена европска иднина, бугарски пасоши, додека на младите им продава дека Македонија треба да биде слепо црево на Балканот и Европа.
Со парите на граѓаните, прво преку Груевски и Мијалков, а сега директно преку Мицкоски, Латас се богати. Имот, пари.
Во исто време, Мицкоски на суд ги ослободува Латас и Груевски, им враќа имот стекнат со криминал и ја штити целата својата криминална организација ВМРО-ОКГ.
Ова е Македонија што ја нудат Мицкоски и Латас.
Додека Латас се капе во парите на граѓаните, а Мицкоски носи часовници од по 65.000 евра, обичните граѓани крпат крај со крај“.

Според СДСМ, работниците не добиваат зголемување на минималната плата, земјоделците тонат во проблеми, а граѓаните се трујат со вода затоа што институциите не ја вршат својата работа.

Сè е сведено, како што велат, на тендери.

„Деновите поминуваат од тендер до тендер, а задолжувањата паѓаат на грбот на идните генерации.
Во Македонија на Мицкоски и Латас, само тесниот круг на „елита“ – дел од ВМРО, некои „независни“ новинари и по некоја Ивона, живеат како холивудски ѕвезди.
Сите останати или сонуваат за подобар живот, или го бараат во странство.
Младите не сакаат да живеат во Латасовата Македонија.
Не сакаат да живеат во земја каде криминалците и медиумските манипулатори се заштитени, а обичниот граѓанин е оставен на себе.
Но, оваа Македонија не е нивна.
Народот ќе победи. Власта ќе се врати во рацете на граѓаните.
Ќе победи вистината и правдата“.

Scroll to Top