Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања, укажа дека по речиси две години од владата, премиерот Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ немаат дадено конкретен одговор на ниту едно суштинско прашање што ги засега граѓаните, туку континуирано користат дезинформации за да ја дефокусираат јавноста од нивната неспособност и криминални зделки.
„Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате, ќе кажувате, Венко, Заев, влијание, вака, така, и сето тоа никако не одговара на вистинската ситуација во земјата, ниту пак некој ќе даде вистински одговор на некое од прашањето кое што ги засега сите граѓани“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче посочи дека и покрај тоа што власта одбегнува да даде одговори на клучните прашања, граѓаните ја гледаат реалната состојба во држвата -нема реални реформи во правосудството, нема реформски закони усогласени со европските препораки, нема напредок во контролата на цените, нема решенија за загадениот воздух, ниту подобрување на стандардот на граѓаните.
„Нема ниту еден реформски закон. Европа знае дека вие повеќе не сте партнери, знае дека не ја кажувате вистината кога зборувате со европските функционери. Само два закони сега, набрзина се во постапка и тоа без апсолутно да се имплементираат препораките од оценската мисија, односно некоја ваша која што на власта одговара модификација на тие препораки, кои што треба да бидат реформски закони“, рече Филипче.
Тој додаде дека критиките и прашањата не доаѓаат од опозицијата, туку директно од граѓаните, кои секојдневно ги чувствуваат последиците од лошото владеење, растот на цените, економската несигурност и институционалниот застој.







