На денешната прес-конференција, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека за време на владеењето на СДСМ, поранешните функционери Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски дозволиле 2.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви, во вредност од околу 800.000 евра, да се најдат на црн пазар во една соседна држава.
Андоновска изјави дека житото постоело и било употребливо, но поранешниот директор Димковски и уште четири лица составиле записник во кој било наведено дека недостигаат околу 2.000 тони. Според неа, тој записник бил усвоен на владина седница без дополнителни проверки од страна на тогашните носители на функции Заев, Филипче и Николовски.
Таа постави низа прашања поврзани со нивната улога, меѓу кои дали биле свесни за, како што го нарече, криминалот во Агенцијата за стокови резерви и дали Димковски делувал со нивна насока или дозвола.
Андоновска додаде дека, според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, владеењето на СДСM било проследено со криминални и коруптивни практики, при што дел од државните резерви завршувале на црни пазари наместо да бидат на располагање за потребите на граѓаните и земјоделците. Таа порача дека мора да има правда и одговорност и за првиот ешалон на претходната власт.







