ВМРО-ДПМНЕ: Предавничката СДС не направи ништо важно за граѓаните, само ги распродаваше националните интереси

Предавничката СДС која до пред две години беше власт, не направи ништо важно за граѓаните и државата, само ги распродаваше националните интереси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на Андреј Жерновски од СДСМ.

„Предавничката СДС се однесува како падната од Марс. Како денес да се појавиле на политичката сцена, а не како од независноста до сега во повеќе наврати ја воделе државата, а и само до пред само две години биле власт во Македонија. Така, како млада невеста, предавничката СДС седи и ги лови проблемите со кои се соочува државата, без да спомене дека половина од времето од независноста до денес биле власт и за државата ништо не направиле, освен што ги распродавале националните интереси. И сега без ни трошка одговорност и кредибилитет зборуваат за водата за пиење, токму тој талогот од СДС кој со години свесно дозволи гостиварци бавно да се трујат со небезбедна вода“, се наведува во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во периодот на власт на СДС, особено во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, направени биле околу 400 испитувања на водата во Гостивар кои покажале дека водата не е исправна за пиење.

„А, талогот на СДС, кој сега шири хистерија и наводна грижа за граѓаните, таквите извештаи ги скрија од јавноста и од граѓаните и свесно ги оставија луѓето да се трујат. И сега истиот тој талог на СДС кој ги криеше извештаите за небезбедната вода и ги остави граѓаните да ја пијат, излегол од комфор зоната и отишол во близина на изворот со кој Скопје се снабдува со вода за пиење. Проблемите кои се појавуваат, меѓу другото, и со водата за пиење, не се ниту од сега, ниту од вчера. Тие се резултат на децениската негрижа и системски пропусти на минатите влади, на чие чело до пред две години беше предавничката СДС, до сега, кои секако не можат да се решат само во две години власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но секако, предавничката СДС немаше време да се занимаваат со овие прашања важни за граѓаните, тие беа зафатени со менување на име, прифаќање ултиматуми од соседните држави и потпишување на предавнички договори за распродавање на идентитет, култура, јазик, историја. И секако, сето тоа го правеле за станови и бизниси во Дубаи, јахти во Грција, фирми во Бугарија, хациенди на Водно, скапи коли, луксузни одмори“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top