Во сабота ќе се одржи првиот детски фестивал на Кисела Вода „Киселко“

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денес присуствуваше на генералната проба на децата од општина Кисела Вода кои ќе бидат дел од „Киселко“, првиот детски фестивал во организација на општината.

Настанот ќе се одржи на 6 јуни со почеток во 13 часот, во Домот на култура „Билјана Беличанец“, каде што премиерно ќе прозвучат 13 нови детски песнички. Со овој настан, Општина Кисела Вода отвора ново поглавје во културниот живот, сакајќи да создаде убава традиција и да им даде простор на најмладите да го покажат својот талент.

Она што е особено важно за родителите е фактот дека сите овие песни се целосно бесплатни за учесниците. За да се одберат најдобрите учесници, беше спроведен процес на аудиции низ основните училишта во Кисела Вода од страна на наставниците по музичко воспитување. Целосната реализација на фестивалот се прави во соработка со „Стробери Груп“, продукција која е специјализирана за детски и младински телевизиски проекти и настани, информираат од општината.

Scroll to Top