Во следните 15 дена платете го данокот на имот за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, апелира Ѓорѓиевски кој веќе блокираше 15.000 сметки за неплатен данок од 2021 година

Близу 20 милиони евра по основ данок на имот за изминатите четири години должат на Град Скопје граѓаните и компаниите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откога веќе блокираше 15.000 сметки на граѓани и компании за неплатен данок на имот за 2021 година со вкупен износ од 1,3 милиони евра, е решен да ги наплати наталожените ненаплатени даноци и од останатите години па  денес повика граѓаните и фирмите во следните 15 дена да си го платат данокот.

„Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ данок на имот за периодот 2022-2025 година. Станува збор за 95.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на Градот близу 20 милиони евра по овој основ. Тоа се средства кои ни се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрување на квалитетот на живот во нашиот град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски со објаснување дека ред мора да има и оти секој денар уплатен во буџетот на Градот значи повеќе проекти и подобар град за сите.

Ѓорѓиевски се пофали дека за само два месеци тој и неговиот тим успеале да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, паралелно почнале со, како што рече,  „најмногу капитални проекти што овој град кога било во историјата ги видел“, а потсети и дека успеале да донесат буџет од 5,2 милијарди денари кој спореден со минатогодишниот буџет е повисок за 12 %.

Scroll to Top