Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, денеска во Собранието организираше настан по повод Меѓународниот ден на знаковните јазици, на тема: „Стандардизација на знаковниот јазик, дигитална платформа за глуви и наглуви лица и воведување на изучувањето на знаковниот јазик“.
Настанот го отвори генералната секретарка на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Лиза Велкова, која ги претстави темите за дискусија и ја објасни динамиката на настанот.Присутните ги поздрави претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој истакна дека институцијата е отворена за соработка и поддршка на иницијативите на лицата со попреченост.
„Во мое име и во име на моите колеги пратеници и на Собранието како институција, искрено ве уверувам дека секогаш сме подготвени за соработка, за поддршка и за да ги слушнеме вашите барања. Верувам дека многу работи можат да се променат кога институциите и граѓаните не стојат едни спроти други, туку седнуваат на иста маса, како денес, и работат заедно. Затоа, оваа средба ја гледам како почеток на уште поредовна и подиректна комуникација“, истакна Гаши.
Претседателот на Интерпартиската парламентарна група, Никола Мицевски, нагласи дека македонскиот знаковен јазик е признат знаковен јазик и ја истакна потребата од континуирана институционална поддршка за унапредување на правата и условите за живот на глувите и наглувите лица.
„Денеска седиме овде и дискутираме за да се изнајдат најдобрите решенија за секојдневните проблеми на глувите и наглувите лица, а тие решенија понатаму ќе ги следиме за да видиме дали се применуваат во пракса“, истакна Мицевски.
Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Томица Стојановски, ја посочи важноста на темите за кои се дискутираше и се заблагодари на релевантните институции за поддршката и можноста за отворен дијалог.
По воведните обраќања беше отворена широка дискусија, во рамките на која претставниците на институциите и на заедницата на глуви и наглуви лица ги посочија предизвиците со кои се соочуваат, како и можните решенија за нивно надминување.
На крајот од настанот, претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица додели благодарници на претседателот Африм Гаши, на претседателот на ИППГ, Никола Мицевски и други чинители кои во изминатиот период придонеле за работата и активностите на Сојузот.







