Во jули исплатени над 560 милиони денари за надоместоци за боледување, најголем дел за породилни отсуства, соопшти фондот

Фондот за здравствено осигурување во јули исплатил над 560 милиони денари за надоместоци за боледување а најголем дел од средствата според соопштеното биле за породилни отсуства.

Од таму велат дека продолжуваат со континуирана и навремена исплата на надоместоците на плата по основ на привремена спреченост за работа (исплата на боледувања).

„Заклучно со 28 јули 2026 година, иако месецот сe уште не е завршен, Фондот исплати вкупно 560,9 милиони денари по основ на надоместоци за боледување, од кои:

· 420,3 милиони денари за надоместоци за породилно отсуство;

· 140,6 милиони денари за останати видови боледувања.

Исплатите се реализираа по следната динамика:

Датум Породилно Останати боледувања

1–23 јули 111.000.000 денари 93.500.000 денари

24 јули 25.000.000 денари 24.000.000 денари

27 јули 198.000.000 денари 17.700.000 денари

28 јули 86.300.000 денари 5.400.000 денари

Ова претставува досега највисок износ исплатен во текот на еден месец за надоместоци по основ на породилно отсуство, што е уште една потврда за определбата на Фондот навремено да ги обезбедува средствата за остварување на правата на осигурениците“.

Од Фондот информираат дека нема застој во исплатата на породилните надоместоци.

Кај породилното отсуство, како што се нагласува во инфрмацијата, единствен услов за започнување на исплатата е за првиот месец да биде извршена уплата на придонесите согласно законските прописи.

„По исполнување на овој услов, за секој нареден месец надоместокот се исплаќа веднаш по истекот на месецот на кој се однесува, по претходно спроведена административна обработка, стручна контрола и одобрување од надлежните служби на Фондот.

Кај останатите видови боледувања, покрај административната обработка, контролата и одобрувањето на предметите, законски предуслов за исплата е да биде извршена уплата на придонесите за месецот за кој се исплаќа надоместокот. Поради оваа законска обврска, во поединечни случаи може да дојде до пролонгирање на исплатата. Ова не се однесува на породилните отсуства, каде што по првата реализирана исплата постапката се одвива континуирано.

Фондот останува посветен на ефикасна обработка на предметите и континуирана исплата на надоместоците, со цел осигурениците навремено да ги остварат своите законски права“.

Scroll to Top