Вчера се отвори 47. издание на Скопско лето

Вчеравечер свечено се отвори 47-мото издание на фестивалот „Скопско лето“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Вчерашното отворање почна со изложба „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“ со наслов „Ризница на постоењето – од документ до историја“, која е подготвена по повод 75 години постоење на оваа значајна институција, јубилеј кој се одбележува во 2026 година.

Изложбата ги опфаќа најзначајните документи кои се чуваат во Државниот архив – централен дел и неговите девет Одделенија во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Велес. На 16 паноа беа прикажани документи кои говорат за историјата на Македонија во османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и др. До сега изложбата беше промовирана во рамки на Свечената академија која се оддржа на 6 април 2026 година по повод јубилејот во Македонскиот народен театар, а наскоро ќе биде претставена во Куманово. Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.“

Отворањето продолжи со концерт „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“ – безвременско музичко патување низ традицијата и византискиот мистицизам и авторски проект на мултиинструменталистот Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски.

Овој уникатен аудио-визуелен настан претставуваше длабок спој на традиционалниот мелос, византиската духовна музика и класичната софистицираност. Преку богатиот звук на автентичните инструменти – лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет – публиката патуваше низ вековите: од емоцијата на македонската изворна песна, преку молитвените псалми, па сè до раскошните византиски и средновековни мотиви. Изведувачи на концертот беа:
Солист: Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, G-кларинет)
Специјални гости:
Ана Митовска (вокал, ксантур)
Горан Трајковски (вокал)
Гоце Ристовски (вокал, тамбура)
Симон Облешевски (вокал, удиралки)
Александар Ицковски (виолончело, кларинет)
Оркестар ПОЛИФОНИЈА: Сања Шуплевска (виолина), Ирена Костовска (виолина), Гоце Вангеловски (виолина), Филип Георгиев (виола).
Концертот ѝ понуди на бројната публика внимателно конципирана репертоарска линија во 18 точки, која се движеше од моќни традиционални теми како „Развивај горо зелена“, преку духовната длабочина на Псалмите 118 и 120 и мистичните композиции „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до раскошните оркестарски звуци на „Весела Византија“ и „Бузелик“.

Scroll to Top