Ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 8. Пленарна конференција – Национална конвенција за ЕУ.
„Моја должност е да нагласам дека меѓу главните забелешки во извештајот беа уставните измени, кои несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Знаете дека уставните процеси и билатералните теми создадоа значителни политички тензии, но сакам повторно да подвлечам дека ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи“ рече тој.
Според Гаши, напредокот на Албанија и Црна Гора е доказ дека политиката на проширување е жива и дека нашиот регион може да се движи напред.
„За нас, ова е момент за мотивација, а не за притисок“, рече Гаши.
Според него, интеграцијата во ЕУ не ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата.
„Исто како и пред една година, денес би сакал да повторам уште еден важен елемент. Во еден турбулентен свет, со конфликти во Украина, Блискиот Исток и пошироко, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата. Со членството во НАТО, создадовме заштита, додека со пристапувањето во Европската Унија се стремиме кон изградба на стабилност и одржлив економски, институционален и демократски развој“, рече тој.
Гаши нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде доверлив партнер во овој процес.
„Ние сме посветени на унапредувањето на реформите, зајакнувањето на дијалогот, развивањето консензус и одржувањето на институционалната зрелост во време на предизвици. За нас, европската интеграција не се гради во Брисел, ниту во главните градови на регионот, туку се гради тука, во Скопје, во нашите институции, во нашите одлуки и во нашата подготвеност да ги надминеме политичките разлики во служба на државниот интерес“, рече Гаши.







