Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Гаши констатираше дека двете држави градат одлични билтерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес. Тој истакна дека се радува на прогресот што Албанија го има при процесот на приближување кон Европската унија и отворање на сите преговарачки кластери согласно новата методологија на ЕУ.
Спиропали истакна дека иако Албанија веќе преговара за членство во Европската Унија, смета дека и останатите држави од Западниот Балкан треба да ја следат и процесот на проширивање треба да продолжи затоа што носи голема трансформација во сите општества на земјите во регионот. Албанија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во европските процеси се до конечно надминување на сите потешкотии што се појавуваат на европскиот пат.
Двајцата соговорници се согласија дека зачленувањето во Европската унија носи големи придобивки за граѓаните на земјите од Западниот Балкан затоа што процесот е реформски и потребно е да се имплементираат домашни задачи, како што е борбата против корупцијата и реформи во правосудните системи.







