Годинава државната матура со просечна оценка 3,66

Матурантите во учебната 2025-2026 година го завршија полагањето на државната матура во јунскиот испитен рок со 3,66 средна оценка, пресметана по поднесени и разгледани приговори по објавените прелиминарни резултати. Просекот е речиси идентичен со ланскиот кога изнесуваше 3,69. Полагањето се одвиваше по нов модел, а предизвиците од изминатите години беа значително намалени, извести МОН.

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска на денешната прес конференција изразија задоволство од реализацијата на процесот и од објективноста на постигнатите резултати.

„Годинава за прв пат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура – државна, стручна и уметничка, со што, сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал. Задоволна сум што две години по ред се одржува речиси идентичен просек, за разлика од 2024 година кога изнесуваше 3,26“, рече Јаневска.

Одделно, информираше министерката, просекот од државната матура е 3,62, од стручната е 3,91 и од уметничката матура е 3,59. Овие податоци ќе бидат компаративни од следната учебна година, кога по втор пат ќе има полагање по новиот модел.

„Ценам дека резултатите се објективни. Училиштата, факултетите каде се организираа дел од тестовите, тестаторите кои беа околу 2500 на број, околу 200 набљудувачи и оценувачите беа добро подготвени. Се разбира, и учениците сериозно го сфатија процесот“, додаде Јаневска.

Одделно по предмети, просечниот успех по мајчин јазик е 3,93, по англиски јазик е 3,31. Просекот по математика е 4,20. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,50, по германски јазик 4,70. Руски 4,71, италијански 4.50. По историја просечната оценка е 4,16.

За полагање се пријавија 14.587 ученици. Од нив, 12.184 за државна матура, 2.276 за стручна матура и 127 за уметничка матура. Вкупно 348 ученици не дојдоа на полагање, или процентуално 2,39% од учениците отсуствуваа.

„Немаме препишувачи како до пред 2 години. На 226 ученици им е поништен тестот и тие ќе полагаат повторно во август. Дел се фатени како препишуваат на лице место, а дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите“, рече Јаневска, изразувајќи благодарност до Државниот испитен центар и сите други учесници во спроведувањето на процесот, кои како што рече, ефикасно ги извршија своите обврски.

Им честиташе и на учениците кои успешно го заокружија средното образование со позитивна оценка на државната матура со што стекнаа услов за понатамошно продолжување на образованието на високообразовна установа, или пак за директно вклучување на пазарот на трудот.

Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска рече дека по однос на резултатите биле поднесени 805 приговори, а 133 ученици извршиле увид во тестовите. Августовската испитна сесија ќе се реализира на 12 август кога се полага странски јазик, а на 14 август е полагањето по мајчин јазик.

Полагањето на интерните испити и одбраната на проектните задачи ќе се одвива во периодот од 17 до 24 август.

Scroll to Top