Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, ги повика граѓаните да останат смирени и да ја почитуваат привремената забрана за користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, нагласувајќи дека мерката е донесена како превенција и за заштита на здравјето на населението.
Во објава до јавноста, Лимани посочи дека според редовните анализи на ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажувале дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности. Во меѓувреме, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции земале примероци за лабораториска анализа.
Тој истакна дека до објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, останува во сила привремената забрана за користење на водата за пиење и подготовка на храна.
Осврнувајќи се на тврдењата дека во водоводниот систем била вбризгувана отпадна вода, градоначалникот наведе дека, според информациите од ЈП „Комуналец“, на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, нагласи дека сите наводи ќе бидат предмет на проверка и дека конечната оценка ќе ја дадат исклучиво надлежните институции.
„Во моментов нема официјални медицински или лабораториски докази дека пријавените здравствени проблеми се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината треба да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи“, наведува Лимани.
Тој додаде дека Општина Гостивар е во постојана комуникација со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката, а по добивањето на официјалните резултати тие ќе бидат целосно и транспарентно објавени пред јавноста.
Градоначалникот ги повика граѓаните да се информираат исклучиво од официјални извори и да не шират непроверени информации, истакнувајќи дека здравјето на граѓаните е највисок приоритет и дека сите одлуки ќе се носат врз основа на наодите на стручните институции.
Во изминатите неколку дена повеќе од 1.200 жители на Гостивар побараа лекарска помош поради стомачни инфекции со интензивни симптоми. Вчера Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за забрана за пиење и користење на водата од градскиот водовод, додека не се добијат резултатите од анализите.
Исто така вчера, Министерството за внатрешни работи соопшти дека постојат основи на сомневање оти ЈП „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои вода била вбризгувана директно во главниот цевковод што го снабдува градот. Според МВР, активноста најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг на питка вода, со што било загрозено здравјето на граѓаните. Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за кривичното дело „загадување на вода за пиење“. Според објавените снимки, водата во градот вчера имала кафена боја.







