Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за сериозен пад на странските директни инвестиции во Македонија, повикувајќи на политичка одговорност од актуелната власт.
Според партијата, во 2025 година инвестициите се намалиле за 61% во однос на претходната година, достигнувајќи вредност од 468 милиони евра, што го оценуваат како „еден од најслабите резултати во регионот и тежок сигнал за економијата на државата“.
Во соопштението се нагласува дека странскиот инвеститор бара правна сигурност, функционални институции, политичка стабилност, професионална администрација и јасна евроатлантска перспектива, додавајќи дека „кога државата создава неизвесност, политички тензии и недостаток на стратешка насока, капиталот избира други дестинации“.
Од ДУИ предупредуваат дека последиците од ваквиот пад се директни и сериозни: „Падот од 61% значи помалку работни места, помало производство, помали можности за повисоки плати и помалку шанси за младите“.
Партијата ја критикува Владата дека наместо ветениот економски развој и рекордни инвестиции, резултатите се спротивни, наведувајќи дека „внатрешната политичка изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, затегнатите односи со меѓународните партнери и застојот на европскиот пат создаваат директни економски последици“.
„За оваа состојба мора да има јасна политичка одговорност. Влада која за кратко време ја носи државата на дното во регионот по странски инвестиции, нема кредибилитет да бара трпение од граѓаните“, се наведува во соопштението.
Од ДУИ порачуваат дека „оставката на оваа влада е првиот неопходен чекор за враќање на довербата, стабилноста и развојната перспектива на државата“.







